https://www.facebook.com/photo/?fbid=627302909399128&set=a.332395498889872

13.01.2023 Скопје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја најави првата голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип.

Станува збор за втора инвестиција на канадската компанија Magna International Inc, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот.

Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година.

Ковачевски потенцираше дека Република Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата.

„Технолошки-индустриските развојни зони, 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври минатата година се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година“, истакна премиерот.

Директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, истакна дека 2022 е најуспешната година досега, а веќе ја започнуваат и новата година со нова странска инвестиција.

„Она што е исто така важно е дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзан раст на работни места и нови инвестиции“, изјави директорот Деспотовски.

Подготвено од М.Н.

About Author