bozhikj

07.01.2023 Скопје

Денеска во земјава, православните христијани го слават Рождеството Христово – Божиќ.

Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божиќни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан ќе богослужи литургија на Свети Василиј Велики.

Кон крајот на декември, вселенскиот патријарх Вартоломеј за првпат во историјата го објави божиќното послание и на македонски јазик, откако на 9 мај минатата година Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа.

Патријаршијата, при тоа, остави Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Со ваквата одлука МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни помесни цркви и беше призната како канонска црква, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Една недела по ваквата одлука на вселенскиот патријарх, Синодот на СПЦ соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на МПЦ, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година.

Во јуни минатата година во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец” во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски Стефан ја одржаа прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по приемот на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви.

Празнувањето на Раѓањето Христово се појавува уште во почетокот на христијанството, најверојатно во апостолскиот период. Апостолските правила одредуваат ден за празнување на Раѓањето Христово (25 декември), покажувајќи ја смислата на тој празник за Црквата: „Внимавајте браќа, првиот празник меѓу празниците е Рождеството Христово.“

Времето кое му претходело на Рождеството Христово било исполнето со длабоко чувство за едно безгранично зло. Во секој момент се чувствувала несигурноста на тоа време. Светот пред Христовото раѓање наликувал на добро изорана нива, подготвена да го прими семето на вечниот живот — начелото на идниот век.

Навуходоносор во неговиот таинствен сон го гледа образот на Рождеството Христово, протолкуван од Данаил (2 глава). Карпата којашто се отцепила од планината без да ја допре човечка рака и го разрушила големиот идол е образ на Христовото раѓање.

Божиќ е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден.

Со вечерата на денот пред Божиќ (Бадник) завршуваат предбожиќните пости. Во народната и црковната традиција во предвечерието на Рождеството се пејат посебни песни наречени каланди кои имаат елементи од византиската традиција и макдонското народно музичко творештво.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author