09.01.2023 Скопје
Втората најсилна партија во Бугарија, „Продолжуваме со промената” на поранешниот премиер Кирил Петков, повторно го врати мандатот за формирање нова влада, и поради тоа продолжува политичката агонија во најсиромашната земја-членка на Европската унија.
Партијата која беше формирана во 2021 година во екот на масовните демонстрации против корупцијата, не ја доби поддршката од парламентот за листата на национални приоритети, која што ја подготви во обид за да формира малцинска влада заедно со партијата „Демократска Бугарија“.
Листата на национални приоритети на партијата „Продолжуваме со промената“ на Петков, ја поддржаа 63 пратеници, а против беа 114 од 240 пратеници, по што партијата на Кирил Петков го врати мандатот на претседателот Румен Радев, кој беше доделен на нејзиниот кандидат за премиер Николај Денков.
Пратениците од коалицијата со партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и националистичка партија Преродба беа против, додека три политички партии беа воздржани, вклучително и Бугарската социјалистичка партија, која е поранешен сојузник на партијата на Кирил Петков.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев од своја страна инсистираше на разговор со претставниците на „Продолжуваме со промената“ за евентуална нивна соработка со ГЕРБ.
Политичката криза во Бугарија трае од 2020 година, кога земјата беше потресена од демонстрации против владата на Бојко Борисов, каде илјадници граѓани бараа елиминирање на корупцијата и политичкото мешање во работата на медиумите и ефективна реформа на судството. Обидите на владата на Бојко Борисов да ги запре протестите со насилство поттикнаа дополнителен гнев и доведоа до подлабока поларизација на општеството.
Претседателот на Бугарија Румен Радев назначи неколку преодни влади, а единствената во полн капацитет, предводена од Петков, беше формирана по вонредните избори во ноември 2021 година, но нестабилната четиричлена коалиција се распадна по само шест месеци, во јуни 2022 година.
Долготрајната политичка блокада може да го загрози влезот на Бугарија во еврозоната на 1 јануари 2024 година и користењето на фондовите на ЕУ за закрепнување на земјата, а ќе ги одложи и реформите кои се неопходни за борба против корупцијата.
Подготвено од М.Н.