https://www.facebook.com/photo.php?fbid=723650352462312&set=pb.100044520605970.-2207520000.&type=3

14.01.2023 Скопје

Поранешниот претседател на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов вчера имаше свое обраќање во Обединетите Нации во Женева на Состанокот на високо ниво на Меѓународниот центар Низами Ганџави и Канцеларијата на ОН во Женева кој се одржа во периодот од 12 до 13 јануари во Женева, Швајцарија.

Од неговииот кабинет информираа дека состанокот бил на тема „Собирајќи ги деловите: Предизвици за поправање на скршениот свет”, а Иванов се обратил на петтиот панел на тема „Мултилатерализам за спас”.

Иванов во своето обраќање истакнал дека глобалните закани и глобалните кризи се индикатор дека се потребни фундаментални реформи на мултилатералните институции, а дека како најсуштествени се издвојуваат многуте предлози за промени на Советот за безбедност, предлози за нови постојани членки, користењето на правото на вето, двојните стандарди со цел за поголема инклузивност и ефикасност на Советот за безбедност, се вели во соопштението од кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Поранешниот претседател Иванов, исто така, нагласил и дека не изостануваат и предлози за промени на меѓународните финансиски институции и делови од глобалниот систем.

На Состанокот на високо ниво во Женева учествувале голем број поранешни претседатели на повеќе држави меѓу кои на Латвија Валдис Затлерс, на Србија Борис Тадиќ, на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, на Швајцарија Мишелин Калми Реј, на Бугарија Ресен Плевнелиев, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Латвија Раимонис Вејонис, на БиХ Младен Иваниќ, на Грузија Ѓорѓи Маргвелашвили, на Бугарија Петар Стојанов, а исто така, на состанокот учествувале и повеќе поранешни премиери и министри од повеќе држави, како и поранешни претседатели на повеќе меѓународни организации.

Учесници на Состанокот на високо ниво биле и поранешни високи функционери во рамките на институциите на ОН.

Подготвено од М.Н.

About Author