09.01.2023 Скопје

Утре завршува јавниот оглас на Град Скопје, со кој се бараат превозници за автобуските линии 20 и 22, а за една недела истекува и огласот што се однесува на линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се потребни минимум 22 автобуси. Станува збор за линии на кои до пред повеќе од два месеца возеа приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, со кои градоначалничката Данела Арсовска ги раскина договорите откако стапија во штрајк барајќи ЈСП да им ги исплати парите што им ги должи за реализираниот превоз на патници.

Дали со завршувањето на јавните огласи и со евентуалното склучување договори со нови превозници, ќе се реши моменталниот хаос во градскиот превоз, се уште е неизвесно, затоа што од Град Скопје досега нема никаква информација дали има заинтересирани и дали веќе некои се пријавиле на распишаните огласи.

На улиците во Град Скопје сериозно недостасуваат автобуси. Трпението на граѓаните секојдневно се искушува откако тие по половина час и повеќе стојат на станиците чекајќи го автобусот што ќе ги однесе до саканата дестинација.

Во автобусите поради тоа има преголема гужва, преполни се со патници, дисплеите на станиците не го покажуваат точно возниот ред, автобусите се нередовни и валкани.

Граѓаните реагираат и на тоа што автобусите, особено двокатните, се целите облепени со реклами, дури и на прозорците, па кога е гужва не знаат ниту до каде се стигнати ни каде треба да се симнат.

Од ЈСП, со своите капацитети се обидуваат да го надоместат отсуството на приватните превозници, но тоа тешко се постигнува во услови кога на терен недостасуваат стотина возила. Сепак, тврдат дека јавниот сообраќај нормално се одвива, а дека сите информативни табли, и покрај поплаките на патниците, се синхронизирани со GPS-уредите на возилата.

Подготвено од М.Н.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *