27.01.2023 Скопје
Повеќе од половина граѓани што скенирале сметки, успеале да го достигнат максималниот тримесечен износ за поврат на данок на додадена вредност од 1.800 денари, соопштија од УЈП.
Од УЈП најавија дека износот за поврат на ДДВ ќе се зголеми на 2.100 денари, а измените на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица треба да се донесат по скратена постапка и се ставени на дневен ред на собраниска седница, но сеуште не е познато кога ќе се гласа.
Правото на враќање на данокот се однесува на данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки за купени добра или користени услуги, издадени во согласност со Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20 проценти, а на останатите 10 отсто од пресметаниот данок искажан во поединечна фискална сметка.
Право на враќање на дел од данокот на додадена вредност имаат физичките лица што ги исполнуваат условите, односно имаат навршени 15 години возраст, имаат лична карта или пасош, регистрирани се на системот за електронска пресметка за приход и данок (ЕППД) и поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет.
Следната исплата ќе се реализира во февруари 2023 за скенирани сметки во последното тримесечје од 2022 година, а зголемениот износ од 2.100 денари треба да се применува од 1 јануари 2023 година.
Подготвено од М.Н.