17.01.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ во Киев се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Османи изрази поддршка за украинската Влада, акцентирајќи дека ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и напорите за враќање на мирот и стабилизација на регионот.
„ОБСЕ го поддржува украинскиот народ и ќе продолжи одблизу да ја набљудува состојбата. Неопходна е оваа поддршка на украинските напори да се врати мирот и да изгради стабилна иднина за нејзините граѓани“, истакна Османи.
Османи порача дека ОБСЕ ги има механизмите и капацитетот да им помогне на луѓето од конфликтните подрачја преку работата на терен, и ја повика Русија веднаш да стави крај на воената агресија.
Османи додаде дека неопходно е еден од првите чекори да биде итното враќање на теренска мисија на ОБСЕ во Украина. Мисијата ќе направи голема разлика на терен за обезбедување на стабилност, безбедност и почитување на човековите права за секој граѓанин во Украина.
Посетата на Османи на Украина е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Подготвено од М.Н.