magla 1122

03.01.2023 Скопје

Институтот за јавно здравје објави извештај во кој се наведува дека мерните станици во Берово, Гостивар, и Тетово покажуваат дека таму воздухот е екстремно лош заради зголемени концентраци на PМ2.5 честички.

Според Европскиот Индекс за квалитет на воздух (Евроспка агенција за животна средина – ЕЕА), моменталниот Индекс за квалитет на воздух се категоризира како:

– “Екстремно лош (сиромашен)” на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

– Како “многу лош” се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Ѓорче Петров заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

– Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и Прилеп како “лош” заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека поради моменталната ситуација со загадениот воздух некои поединци може да доживеат здравствени ефекти, а оние од чувствителните групи, посериозни здравствени ефекти.

Како најчувствителни и под најголем ризик се деца помлади од 5 години, постари граѓани (над 65 годишна возраст особено), бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички) кои во моментов драстично се зголемени, Институтот за јавно здравје им препорачува на граѓаните од градовите со “Екстремно лош (сиромашен)” индекс на квалитет на воздух да останат дома ако немаат потреба од излегување.

Со слични препораки на редовна база излегува ИЈЗ секогаш кога загадувањето е во пораст, како што беше во текот на новогодишните празници но и деновите пред тоа.

За градовите со “Лош” индекс на квалитет на воздух како Скопје, Неготино и Прилеп од ИЈЗ препорачуваат секој што чувствува непријатности како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото треба да размисли за намалување на активноста, особено на отворено, како и да се остане дома ако нема потреба за излегување.

За сите групи на население остануваат препораките да се конзумира храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бета-каротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот и да се консултира матичен лекар или здравствена клиника ако „се чувствувате лошо или доколку искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author