30.01.2023 Скопје
Пензионираниот армиски генерал и поранешен началник на воениот комитет на НАТО, Петр Павел победи на претседателските избори во Чешка, ветувајќи дека ќе ја врати земјата на меѓународната сцена по долгогодишна изолација.
На вториот круг од претседателските избори во Чешка во сабота, Павел го победи популистичкиот кандидат и поранешен премиер Андреј Бабиш (АНО, Обнови).
„Победија вредности како вистината, достоинството, почитта и скромноста. Подготвен сум да ги вратам овие вредности не само во Прашкиот замок, официјално седиште на чешкиот претседател, туку и во нашата република преку мојата служба“, рече Павел во реакцијата на изборните резултати.
Во својата кампања пред изборите, Павел го поддржуваше проевропскиот курс на земјата. Како поранешен висок функционер на НАТО, тој ја истакна важноста на одбранбената алијанса, особено во контекст на војната во Украина.
Павел Хавличек, аналитичар во Здружението за меѓународни односи во Прага, истакна дека изборот на Петр Павел за четврти чешки претседател ќе донесе нова сила и глас на чешката позиција во Европа и светот.
Според аналитичарот, Павел ќе промовира политика заснована на вредности инспирирана од првиот чешки посткомунистички претседател Вацлав Хавел.
„Цврстата евроатланска ориентација на претседателот Павел кон ЕУ и НАТО и неговото разбирање за војната во Русија и потребата да се поддржи Украина ќе претставува нов пристап во однесувањето на Чешка, кој повеќе нема да биде разреден со ревизионистичките ставови на (во заминување) претседателот Милош Земан“, рече Хавличек.
Земан беше добро познат по своите проруски и прокинески ставови, претпочитајќи инвестиции додека замижуваше пред проблемите поврзани со овие земји. Според Хавличек, Земан дури ја „изолирал Чешката Република на меѓународната сцена“.
По изборите, светските лидери срдечно му честитаа на Павел за неговата победа.
„Неговите први телефонски разговори и контакти со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со тајванскиот претседател Цаи Џинг-вен, претставуваат јасно отстапување од политиката на Милош Земан на смирување и опортунизам. Тие, исто така, добро го илустрираат начинот на кој тој сака да дејствува на меѓународно ниво и на тој начин да ја подигне свеста за чешкото место во Европа и светот“, објасни Хавличек.
Првото патување на Павел во странство ќе биде во Словачка, најверојатно проследено со Полска и посета на Украина на пролет.
Покрај меѓународната политика, Павел се разликува од неговиот претходник и во неколку други области. На пример, Павел ја поддржува климатската политика. Сепак, тој смета дека во контекст на војната, ЕУ треба да ги преиспита начините за постигнување на целите на климатската политика.
Павел го поддржа и усвојувањето на валутата евро.
Подготвено од А.Ѓ.