12.01.2023 Скопје
Кракен е новата позаразна подваријанта на Омикрон, варијанта на коронавирусот, која пристигна и на Балканот.
Во Романија се потврдени два случаи на оваа зараза, од кои едно дете. Овојпат ситуацијата е поалармантна затоа што во прашање е најпреносливиот и најзаразниот сој кој научниците некогаш го откриле.
Националниот Институт за заразни болести „Матеи Балс“ во Букурешт потврди дека детето и неговата мајка се заразени со Кракен, а за среќа и двајцата засега имаат благи симптоми. Но, од Институтот предупредуваат дека нема простор за опуштање, бидејќи се работи за мутација која би можела да биде исклучително отпорна на постоечките вакцини против коронавирусот.
Варијантата Кракен е потомок на варијантата XBB, наречена Грифон. Грифон предизвика големи избувнувања во Азија минатата есен. Тоа беше првиот документиран пример на варијанта SARS-CoV-2 која еволуираше од два вируса кои комбинираат генетски информации.
На ова предупредува и Светската здравствена организација (СЗО), која објави дека XBB.1.5, како што е означен овој нов сој, е „најпреносливата подваријанта што е откриена досега“. Исто така, Кракен ги избегнува и постоечките антитела во организмот, кои се стекнати како резултат на претходните инфекции со коронавирусот.
Се верува и дека XBB. 1,5 е 96 отсто позаразен од Омикрон, варијантата на вирусот која во текот на минатата година го нападна светот.
Варијантата Кракен би можела да го направи истото, бидејќи во моментов не постои вакцина ниту лек што директно би го спречувале заразувањето со овој сој, што значи дека „пред себе има доволно време“ за дополнително да мутира. Како што вирусот се размножува, неговите гени поминуваат низ случајни генетски мутации и со текот на времето се случуваат промени во површинските протеини или антигените на вирусот и произведуваат варијанти.
Регионите во Соединетите Држави погодени рано од Кракен доживуваат драматично забрзување на приемите во болница. Кај лица на возраст од 70 и повеќе години, стапките се како оние забележани со оригиналниот вирус Ковид-19 и варијантата Омикрон.
Во време на сезонски грип и други вируси, многу луѓе се прашуваат како да знаат дека се заразени со Кракен. Ова е речиси невозможно во првите денови од инфекцијата. Имено, раните симптоми се речиси идентични со Омикронот. Заразените пациенти доживуваат кивање, слабост, главоболка, зголемени секрети, болки во коските.
Состојбата во првите денови е слична како кога ќе се заразиме со грип или кога ќе настинеме. Меѓутоа, ситуацијата во наредните денови почнува забрзано да се комплицира и речиси на сите заразени на крајот ќе им биде потребна хоспитализација.
Бидејќи е лесно пренослив вирус, речиси секој контакт со заразено лице се инфицира. Фактот дека за само неколку недели е регистриран во повеќе од 29 земји е најдобар показател за тоа колку брзо се шири. Во последните денови е регистриран во Велика Британија, САД, Романија, Јужна Африка, Нов Зеланд, Австралија, Данска, Франција, Германија, Шпанија, Кина, Пакистан, Индонезија, Холандија, Ирска, Сингапур и Индија.
Најкритично е во САД, каде што овој вид сочинува дури 40 отсто од вкупниот број на заразени лица.
Во Британија, на здравствените работници им е кажано да носат маски, да работат од дома кога можат и да одржуваат социјално растојание, оставајќи го британскиот здравствен систем во „ризик од колапс“.
Подготвено од А.Ѓ.