13.01.2023 Скопје
НАТО соопшти дека авионите за надгледување на системот за воздушно предупредување и контрола (АВАКС) ќе пристигнат во Отопени, во близина на Букурешт, на 17 јануари „за да го поддржат засиленото присуство на Алијансата во регионот и да ја следат руската воена активност“.
Околу 180 воен персонал ќе се распоредат и во базата на романските воздухопловни сили во Отопени како поддршка на авионот.
Авионите припаѓаат на флота од 14 авиони за набљудување на НАТО кои обично се сместени во Гејленкирхен, Германија. Тие ќе започнат со извидувачки летови, исклучиво над територијата на Алијансата, а мисијата е планирано да трае неколку недели.
Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, истакна „бидејќи илегалната војна на Русија во Украина продолжува да ги загрозува мирот и безбедноста во Европа, не смее да има сомнеж во решителноста на НАТО да ја заштити и брани секоја педа од сојузничката територија“. Исто така, додаде „нашите АВАКС можат да детектираат авиони на стотици километри, што ги прави клучна способност за одвраќање и одбранбена положба на НАТО. И благодарам на Романија што беше домаќин на авионот, што дава важен придонес за нашето рано предупредување“.
Како одговор на руската војна во Украина, НАТО го зголеми своето воздушно присуство во источна Европа со дополнителни ловци, авиони за набљудување и танкери. Според соопштението за печатот, од февруари 2022 година, НАТО АВАКС спроведува редовни патроли над источна Европа и регионот на Балтичкото Море за да ги следи руските воени авиони во близина на границите на НАТО.
Подготвено од А.Ѓ.