06.01.2023 Скопје
И покрај зголемениот број инфекции со вирусот, Кина, која е втората по големина економија во светот, ги отвора своите граници од недела, потег што ветува дека ќе предизвика бран патници кои бараат забава по три години строги ограничувања дома.
Туристичкиот сектор во Југоисточна Азија би можел да биде главниот победник на кинеското укинување на забраните за патување, бидејќи преку него се избегнуваат влезните тестови за Ковид-19 наметнати на кинеските посетители од Европа, Јапонија и САД.
Австралија, Велика Британија, Индија, Јапонија и САД се меѓу земјите кои бараат негативен тест за Ковид-19 од Кинезите кои доаѓаат кај нив, сите земји од Југоисточна Азија, од Камбоџа до Индонезија и Сингапур, ги одбија таквите барања.
Интересот за кинеските патувања во регионот се зголеми уште пред веста дека не им треба тестирање, повеќе од 70 отсто од кинеските туристички агенции ја рангираа Југоисточна Азија како топ дестинација кога ќе се отворат границите.
Многу од економиите во регионот се потпираат на туризмот, а Кинезите го сочинуваат мнозинството посетители.
Во 2019 година, повеќе од 155 милиони Кинези патувале во странство, трошејќи 254,6 милијарди долари или блиску до БДП на Виетнам, велат аналитичарите кои очекуваат значително враќање на масовниот туризам да започне во вториот квартал на 2023 година.
Официјални лица во некои земји во регионот ја минимизираа здравствената загриженост покрената од други земји, како што се САД, поради недоволни информации и стравувања дека повеќе случаи во Кина би можеле да предизвикаат нови варијанти на вирусот.
Од Сингапур соопштија дека населението има висок имунитет, бидејќи околу 40 отсто од луѓе биле заразени со коронавирус, а 83 отсто од нив се вакцинирани и ги зајакнале своите здравствени капацитети.
Кина ги укина строгите контроли за Ковид-19 минатиот месец по протестите против мерките, напуштајќи ја политиката што три години ги штитеше нејзините 1,4 милијарди луѓе од вирусот.
Подготвено од М.Н.