04.01.2023 Скопје
Француската Влада забрани онлајн продажба на производи на база на парацетамол од денеска до крајот на јануари, поради потешкотии со набавката на тој лек против болки.
Владата во Службен весник објави дека до 31 јануари е прекината онлајн продажбата на лекови чиј состав е исклучиво од парацетамол.
Одлуката е донесена поради континуираниот недостиг на лекови на база на парацетамол, особено на тие што се за деца, во изминатите шест месеци, се вели во соопштението.
Од пред неколку месеци, Националната агенција за безбедност на лекови бара од француските аптеки да ја ограничат продажбата на парацетамол на поединци. Во декември, француското Министерство за здравство предупреди дека и покрај мерките, ситуацијата останува комплицирана и ќе бидат потребни уште неколку недели за да се реши.
Во одлуката, француската Влада укажа на влошувањето на здравствената состојба во Кина, каде што се зголеми бројот на случаи на коронавирус по ненадејното укинување на драстичните здравствени мерки во првата половина на декември.
Поради таа состојба кинеската Влада го забрани извозот на парацетамол, а земјата произведува голем дел од главната состојка што ја користат лабораториите ширум светот.
Подготвено од М.Н.