zagaden vozduh vo skopje

05.01.2023 Скопје

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека и во 2023 година прагот за алармирање за загадување со ситни честички ПМ10 останува ист како и во 2022 година, пред да се преземат мерки треба два дена по ред среднодневната вредност да надминува 150 микрограми на кубен метар воздух, а од УХМР да има прогноза за стабилно време без ветер.

На порталот за квалитетот на воздухот на МЖСПП тие ги објавуваат градовите во кои е постигнат прагот на алармирање и се смета дека алармот важи и во секој нареден ден сè додека не се објави информација дека е прекинат. Така, вчера беше објавена информација дека е постигнат условот за алармантна состојба во Кичево, а не беа споменати останатите градови каде претходно е прогласена алармантната состојба, како на пример, Струмица, која е во епизода со прекумерно загадување веќе 14 дена без прекин.

Од денеска е прогласен аларм во Битола, каде на станицата Битола 2 завчера средната вредност на честички изнесуваше 163, а вчера дури 207 микрограми на кубик воздух, а се очекува да биде прекинат во Гостивар, каде вчера среднодневната вредност беше 118 микрограми на кубик.

Исто така, мерната станица во Штип веќе со денови покажува дека овој до скоро чист град сега има загаден воздух. Ако станицата беше дел од Државниот автоматски мониторинг систем, во Штип веќе ќе мораше да се превземат мерки, затоа што е исполнет условот за аларм – завчера средната вредност на ситни честички беше 196 микрограми на кубик воздух, а вчера 157. Но, штипската станица не е дел од државниот мониторинг, туку е проект на Универзитетот „Гоце Делчев“, па Министерството не може во овој град да прогласи алармантна состојба. Но, додаваат, тоа не ја спречува Општината Штип да ја следи состојбата кога веќе имаат мерна станица и да превзема локални мерки за расчистување на воздухот.

Во врска со рангирањето на некои сајтови, како IQAir кои синоќа го сместија Скопје на врвот, како најзагаден град во светот со индекс на загадување од 208, од МЖСПП велат дека загадувањето во Скопје деновиве е намалено под прагот на алармирање, а на некои места е и под прагот на информирање.

Во врска со мерните станици во Куманово и во Гевгелија, кои не праќаат информации за загадувањето на сајтот, надлежните велат дека дел од кумановската станица е на сервис, а со гевгелиската уште трае усогласувањето со новуит сервер и сè уште не можат да влечат податоци.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author