31.01.2023 Скопје
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за 2023 година најави проекти од поголемо регионално значење и поинаков приод во нивната реализација.
Министерот Пенов денеска на годишната владина конференција „Година на нови можности”, истакна дека ќе се реконструираат Кардиолошката клиника во Охрид, Институтот за дијализа во Струга и Институтот за белодробни заболувања во Отешево.
„Во Ѓорче Петров ќе изградиме дом за деца со тешки заболувања, а во Кавадарци ќе го решаваме проблемот со кучињата скитници преку регионален центар, во Радовиш, Конче и Босилово ќе се поставуваат фотоволтаици на крововите на јавните институции“, соопшти министерот Пенов.
„Ќе ставиме акцент на опремување на општините со комунална опрема на повиско ниво и ќе се обидеме да го решиме проблемот со амбулантни возила, особено во помалите места“, додаде Пенов.
Пенов го нагласи обновувањето на возниот парк на противпожарните служби, посебно, во североисточниот, источниот, југоисточниот и вардарскиот регион, каде речиси секоја општина добила барем по едно противпожарно возило.
Осврнувајќи се на сработеното во предходната 2022 година, министерот Пенов напомена дека секоја општина има реализирано по најмалку еден проект.
Подготвено од М.Н.