18.01.2023 Скопје
При денешната посета на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека развојот на Воената академија останува да биде еден од приоритетите на Министерството за одбрана, затоа што во Академијата се создаваат идните лидери на Армијата на Република Северна Македонија. Воедно, додаде дека Академијата е суштински дел од одбранбениот систем на државата.
Министерката Петровска при посетата се сретна со деканот, полковникот Митко Богданоски, со научно наставниот кадар и дел од питомците на Академијата.
На средбата со деканот на Академијата, полковникот Богданоски, министерката беше информирана за активностите во 2022 година и плановите за тековната година. Полковникот Богданоски информираше и за акредитацијата на студиските програми за втор циклус студии во периодот 2022 – 2027 година и реакредитацијата на студиските програми за прв циклус на студии.
При посетата, министерката Петровска разговараше и со дел од питомците на Воената академија, на кои им порача да бидат активни, да ги развиваат своите способности и своите знаења зашто тие се идните офицери на македонската Армија и од нив зависи како ќе се развива Армијата во годините кои доаѓаат.
Воената академија е високообразовна институција која школува кадри за одбраната и Армијата, за кризниот менаџмент и системот за заштита и спасување. На академијата се организира школување на сите циклуси на студии, а професорскиот кадар континуирано учествува во меѓународни научно-истражувачки проекти, конференции и работилници.
На академијата освен за потребите на Армијата на Република Северна Македонија се школуваат питомци и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Подготвено од А.Ѓ.