26.01.2023 Скопје
Претставници на компанијата „Мета“ соопштија дека ќе дозволат поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се врати на Фејсбук и Инстаграм во наредните недели, две години откако неговиот профил беше суспендиран од тие социјални мрежи по нападот на американскиот Капитол во 2021 година.
„Како општо правило, ние не сакаме да се мешаме во отворена, јавна и демократска дебата за платформите на „Мета“, особено во контекст на изборите во демократски општества како што се Соединетите држави“, соопшти претседателот за меѓународни односи на компанијата, Ник Клег.
Клег додаде дека јавноста треба да има можност да слушне што велат нивните политичари, без разлика дали е добро, лошо или грдо, за да можат да носат квалитетни одлуки за време на изборите.
Подготвено од М.Н.