17.01.2023 Скопје
Европската комесарка за транспарентност и демократија Вера Журова предупреди дека регулаторите внимателно го следат Твитер и неговата усогласеност со правилата за заштита на податоците, а Маск не треба да ги потценува напорите на Комисијата да ги направи одговорни големите платформи.
Журова истакна дека европските дигитални закони треба да ги почитуваат сите, објаснувајќи дека тие се однесуваат на Твитер без оглед на тоа кој го поседува и Маск „не треба да ги потценува нашите напори да ги направиме одговорни големите платформи“.
Ова е и причината зошто Твитер сега е под европска лупа. Журова објасни дека регулаторите веќе внимателно го следат усогласувањето со важечките правила за заштита на податоците, „а ние ќе можеме да го спроведеме Законот за дигитални услуги и подоцна оваа година“.
Стекнувањето на Tвитер од страна на милијардерот Илон Маск и неговите последователни одлуки го привлекуваат вниманието на европските институции. На пример, тој одлучи да ги отпушти модераторите на содржини кои следат потенцијално нелегални или спорни содржини. Покрај тоа, платформата ги суспендираше сметките на неколку истакнати новинари.
Твитер може да се соочи со санкции до 6 проценти од својот глобален промет доколку не ги почитува правилата на ЕУ. Сепак, Журова ги смета санкциите како последно средство, истакнувајќи дека прво сака да „го почитуваат законот и да ги намалат ризиците што ги претставуваат за сите нивни корисници“.
Додека Твитер предизвикува загриженост поради неговите неодамнешни потези, комесарката Журова смета дека платформата е важен партнер во борбата против дезинформациите и нелегалниот говор на омраза. Воедно, додаде дека Твитер под раководство на Маск, ја потврдил својата подготвеност да го почитува Кодексот на пракса за дезинформации.
Подготвено од А.Ѓ.