12.01.2023 Скопје
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека вистинскиот национален консензус за Европската Унија кај нас се уште не е постигнат од сите политички партии, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен.
Маричиќ, воедно, истакна дека е потребен консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители „дали сакаме да станеме членка на ЕУ, не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата“.
Според вицепремиерот за европски прашања, 2030 година е достижна само под два услова, да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори, тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.
Маричиќ потенцираше оти е точно дека поддршката за Европска Унија последните години е опадната. Како што рече, „подршката не опаѓа заради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку заради недоволната динамика или разочараноста од динамиката на внатрешните реформи од една страна, но од друга страна и за недостижноста на реалното членство, заради недостатокот на перспектива понудена од ЕУ“.
Според Маричиќ, европскиот концепт носи стабилност, просперитет и извеснот и тоа е концепт кој го сакаат граѓаните. Исто така, тој е дециден дека треба да се врши притисок што побрзо Република Северна Македонија да стане членка и треба да се зголеми нивото на регионалната соработка, затоа што регионот Западен Балкан има најтврди граници, плаќа најскапи услуги за многу работи, и најтешка мобилност меѓу граѓаните во овој дел од Европа.
Според претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили, политичките елити ниту имаат желба, ниту обиди за борба против корупцијата, со исклучок на некои кои се докажани за нивната европска определба. Воедно, смета дека во земјава во категорија на работна ангажираност живеат две категории на млади луѓе, партиски вработени и бегалци.
Во категоријата бегалци, како што напомена, спаѓаат високо образовани луѓе без перспектива. Додаде дека тоа е затоа што нивната перспектива е условена со партиска книшка на лидерите на партиите на власт, на централно ниво и во опозиција на локално ниво. Додека пак, за партиски вработените „вратите на рајот“ се широко отворени, дипломирање, вработување, унапредување, привилегии, високи позиции. Во една земја, како што истакна Халили, каде кандидатите за идни обвинители купуваат уверение за знаење на англискиот јазик и се примаат на Академија без правосудни испити, без завршен факултет, во една земја каде главна вест е вработувањето на децата на министри и претседатели, во таа земја нема никаква перспектива.
Халили додаде и дека поголемиот дел од граѓаните кои не припаѓаат на ниту една политичка партија живеат во тешки маки. Воедно, упати повик до претставниците на земјите членки на Унијата – „помогнете ни да ги победиме неправдите“.
Подготвено од А.Ѓ.