26.01.2023 Скопје
Претставникот на Европската Унија за дијалогот Косово-Србија Мирослав Лајчак, во Приштина ќе оствари средба со вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими.
Оваа информација е потврдена од страна на советникот на вицепремиерот одговорен за медиуми, Клисман Кадиу.
Владата на Косово претходно информираше дека не било доставено никакво барање за средба помеѓу Лајчак и премиерот на Косово Албин Курти.
Во последно време постои притисок врз косовскиот премиер да го прифати планот на ЕУ, поддржан од Соединетите Американски Држави, за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
По посетата на петчлената европско-американска делегација на Приштина и Белград на 20 јануари, која имаше за цел да разговара за планот, претставниците на дипломатскиот тим истакнаа дека од косовскиот премиер очекувале „подобро разбирање“ за европскиот предлог.
Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ навести можно прифаќање на планот, истакнувајќи дека во спротивно ќе биде запрена евроинтеграцијата на Србија, а инвестициите ќе бидат повлечени.
Предлогот на ЕУ, кој во јавноста е познат и како француско-германски план, беше доставен до властите во Приштина и Белград на крајот на минатото лето.
Подготвено од М.Н.