09.01.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска низ телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја пренесе поддршката на Република Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина.
„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакна премиерот Ковачевски.
Како што соопштија од Владата, во разговорот е разговарано и за досегашната помош и поддршка која Република Северна Македонија ја обезбедува за Украина. Претседателот Зеленски ја истакна благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Република Северна Македонија и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.
Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната.
Подготвено од А.Ѓ.