19.01.2023 Скопје
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претстави нов услов за завршување на војната во Украина. За време на прес-конференција Лавров изјави дека конфликтот ќе заврши само кога Украина веќе нема да е воена закана за Русија.
Лавров, исто така, истакна дека загриженоста за безбедноста на неговата земја е една од главните причини за војната, која почна со руската инвазија на 24 февруари минатата година.
Лавров додаде дека „целите на специјалната воена операција не се измислени“, туку се „дефинирани од основните, легитимни безбедносни интереси на Руската Федерација“.
Коментарите на Лавров уследија откако продолжуваат шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин наскоро може да започне нова мобилизација за да започне нова офанзива во Украина.
На крајот на минатата 2022 година официјални лица од Украина и Русија сугерираа дека се отворени за мировни преговори, но ниту една вистинска шанса за мировни преговори не можеше да добие замав бидејќи страните не се согласија за основните прашања како што е признавањето на четирите украински територии Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје кои се анектирани од Русија.
Подготвено од М.Н.