sudski sovet razgleduvanje izvestaj apelacija

09.01.2023 Скопје

Судскиот совет на 427-та седница, која ќе се оддржи во среда, ќе го разгледа извештајот од работната посета на Апелациониот суд Скопје.

Работната посета треба да даде одговор за постапувањето на Апелација по предметите „Таргет-Тврдина”, „Трезор”, „Транспортер” и „Алфа” во смисла на почитување на законските рокови, преземените дејствија од страна на судијата и законитоста во одлучувањето во смисла на тоа дали учествувал судија кој што исполнил услови за старосна пензија.

Судскиот совет оваа одлука ја донесе на итна седница на 19 декември минатата година, поради острите реакциите во јавноста, откако скопска Апелација ги уважи жалбите на обвинетите за предметот „Таргет-Тврдина” и го врати на повторно постапување пред Основниот кривичен суд Скопје случајот со масовното прислушување и уништување на опремата од УБК.

На дневен ред на 427-та седница на Судскиот совет, меѓу другото, ќе се разгледува и извештајот од работната посета на Апелациониот суд во Гостивар и утврдување на престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија.

Подготвено од М.Н.

About Author