23.01.2023 Скопје
За да го зголеми снабдувањето со енергија и да ја направи Италија енергетски центар за Европа, премиерката Џорџија Мелони отиде во Алжир, додека вицепремиерот Антонио Тајани го посети Египет.
Мелони пристигна во Алжир во неделата за нејзината прва билатерална посета во странство, што се совпаѓа со 30-годишнината од договорот за пријателство меѓу Италија и Алжир, потпишан на 27 јануари 2003 година. По избувнувањето на војната во Украина, Алжир стана водечки снабдувач на Италија со природни гас.
Нејзината посета ќе трае два дена, при што се предвидени неколку состаноци на кои ќе се разговара за соработки и договори за индустријата, иновациите, старт-апите и микро-претпријатијата.
Енергијата, сепак, ќе биде во фокусот на состаноците, бидејќи целта е да се постигне напредок во таканаречениот план Матеи, кој предвидува трансформација на Италија, а особено на југот, во енергетски центар во срцето на Медитеранот.
Мелони ќе се сретне со алжирскиот премиер Ајмен Бенабдерахман, алжирскиот министер за енергија и рудници Мохамед Аркаб и претседателот на алжирската република Абделмаџид Тебуне. Дел од италијанската делегација се и претседателот на Конфиндустриа, Карло Бономи и извршниот директор на Ени (Ente Nazionale Idrocarburi – Национален одбор за јаглеводороди), Клаудио Дескалци.
Во исто време, вицепремиерот и министер за надворешни работи Антонио Тајани е во Египет како дел од турнејата со три престолнини низ Северна Африка и Блискиот Исток, која има за цел да ја промовира стабилизацијата на Либија, земја богата со нафта и гас и воедно главната транзитна точка за мигрантите кои илегално пристигнуваат во Италија. Каиро е третата станица на турнејата, по Тунис и Истанбул.
Тајани рече дека Италија се стреми да игра водечка улога во посредувањето меѓу либиските партии за да се олесни одржувањето на регуларните избори, а со тоа и стабилизацијата на земјата. Тој, исто така, ја истакна важноста на улогата на Египет „за стабилноста на целата област“. Министерот беше примен од египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и треба да разговара со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Енергетската безбедност, економската соработка и стабилноста во Медитеранот, особено во Либија, исто така за борба против нерегуларната имиграција, беа клучните прашања кои беа истакнати.
„Египет и Италија се клучни земји во медитеранскиот регион. Египет е горд на своите обемни и различни историски односи со Италија на владино и народно ниво“, напиша на Твитер официјалниот портпарол на египетското претседателство, Басам Ради, следниот амбасадор на Египет во Рим.
Подготвено од А.Ѓ.