02.01.2023 Скопје
По помалку од десет години членство во Европската унија, Хрватска стана членка на Шенген зоната, со што се приклучи на клубот на 26 други земји и 420 милиони луѓе во најголемата светска област на слободно движење меѓу земјите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, вчера кога Хрватска стана дел од еврозоната и Шенген зоната изјави дека нема друго место што посилно симболизира нови почетоци од хрватско-словенечката граница на почетокот на Нова година.
„Ова е ден за славење, ова е сезона на нови почетоци“, истакна фон дер Лајен на граничниот премин меѓу Хрватска и Словенија кој сега веќе е укинат, каде пристигна со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и новата словенечка претседателка Наташа Пирц Мусар.
„Целите ги постигнавме заслужено и со уверување дека тоа ќе биде корисно за хрватските граѓани и економијата“, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Пленковиќ им се заблагодари на Урсула фон дер Лајен и на словенечката претседателка, велејќи дека само нивното доаѓање покажува колку овој настан е значаен, им се заблагодари на министрите и поранешните министри, но и на ветераните, велејќи дека ништо од ова немаше да се случи без нивниот придонес, а исто така се заблагодари и на хрватската полиција, и на Комисијата на ЕУ и на словенечките функционери.
Свое обраќање имаше и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар која им честиташе на сите граѓани на Република Хрватска за влезот во Шенген и за почетокот на користење на еврото како валута.
Подготвено од М.Н.