18.01.2023 Скопје
Денеска во близина на Киев, поточно во близина на градинка во местото Бровари, се урна хеликоптер.
Олексеј Кулеба, шефот на киевската регионална воено-цивилна администрација, ја потврди оваа информација и според неговите зборови, кога паднало леталото во градинката имало деца.
Според полицијата загинати се 18 лица и меѓу нив има три деца. Шефот на полицијата во Киевската област, Игор Клименко, истакна дека меѓу загинатите лица се и украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастриски, неговиот заменик Јевген Јених и државниот секретар Јуриј Лубкович.
Во моментов во болница се наоѓаат неколку луѓе кои се повредени во падот на хеликоптерот. Според наводите на Клименко, сите итни служби се на лице место и во тек е истрага за несреќата.
Според официјалните информации, во блиските болници се пренесени и 22 лица, меѓу кои десет деца.
Од Министерството за внатрешни работи засега нема информации зошто раководството патувало со хеликоптер. Во текот на војната во Украина, хеликоптери меѓу другото, се користат за префрлување на ранетите до главниот град Киев.
Подготвено од А.Ѓ.