german minis za finan 123

19.01.2023 Скопје

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер изјави дека Германија повеќе не зависи од рускиот увоз за снабдување со енергија, потенцирајќи дека земјата целосно ја диверзифицирала својата енергетска инфраструктура по руската инвазија на Украина минатата година.

По инвазијата, Русија ги затвори славините за гас за Европа, што доведе до страв од прекини на струја оваа зима. Но, Линдер истакна дека Германија најде нови извори на енергија.

Линдер истакна дека Германија е сè уште зависна од увозот на енергија, но денес, не од рускиот увоз туку од светските пазари.

Германија претходно увезуваше околу половина од својот гас од Русија.

На Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, Линднер укажа на брзината со која е изграден нов терминал за течен природен гас во Германија, „за рекорд од околу осум месеци“. Воедно, додаде дека се планирани повеќе инфраструктурни инвестиции.

Линднер даде оптимистичка нота, сугерирајќи дека има „некои докази“ дека инфлацијата во Германија го достигнала својот врв минатата година.

„Веројатно има побрзо закрепнување на глобалната економија и европските економии отколку што се очекуваше“, рече тој.

Сепак, останува потенцијалот за штетен трговски спор меѓу ЕУ и САД околу зелените субвенции.

Новиот закон воведен од претседателот Бајден минатата година, кој има за цел да се справи со растечките цени, исто така презема мерки за справување со климатските промени. Сепак, вклучува некои правила „направено во Америка“. Тоа значи дека бизнисите надвор од САД кои не се подобни за таа поддршка се во неповолна положба.

Линднер рече дека не сака Европската унија да започне трговска војна со САД поради тие правила.

Законот, усвоен во август, насочува околу 370 милијарди американски долари инвестиции во технологии поволни за климата и вклучува даночни кредити за електричните автомобили што се произведуваат во Америка.

Наиде на жестоки критики од францускиот претседател Емануел Макрон, кој го нарече „супер агресивен“ и изрази загриженост кај Бајден за време на посетата на Вашингтон минатиот месец.

Претставниците на Европската унија оваа недела ветија „решителни“ чекори како одговор.

Линднер рече дека одржувањето на еднакви услови за игра е важно, но тој сака да види како двете страни преговараат за исклучоците за компаниите или развиваат нов трговски договор, наместо да се обидуваат да се надсубвенционираат една со друга.

За разлика од големите француски автомобилски компании, многу германски фирми веќе имаат големо присуство во САД, вклучително и производствени погони.

Правилата „направено во Америка“ поттикнаа отфрлање дури и од некои американски компании, од кои многу се потпираат на делови произведени во други земји.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author