19.01.2023 Скопје
Европскиот парламент усвои резолуција за спроведување заедничката надворешна и безбедносна политика, во која ја повика Србија да ја синхронизира својата надворешна политика со онаа на ЕУ.
Од 641 европратеник, 407 гласаа за резолуцијата, 92 беа против, а 142 беа воздржани.
Европскиот парламент по вторпат официјално побара Европската унија да го прекине напредокот на преговорите со Србија додека не исполни неколку основни барања, од кои најважно е целосно усогласување на надворешната и безбедносната политика на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Европскиот парламент ја нагласува важноста од целосно усогласување, особено со политиката на санкции против трети земји, и изразува жалење за ниското ниво на усогласеност на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено во однос на воената агресија на Русија против Украина.
Европскиот парламент додаде дека Србија, како земја која се стреми кон Европска интеграција, мора да се придржува до заедничките вредности, и да покаже дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Подготвено од М.Н.