Image by wirestock on Freepik

13.01.2023 Скопје

Комитетот на Европскиот парламент за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) ја одобри либерализацијата на визите за косовските граѓани. Договорот првично беше постигнат во декември меѓу Парламентот, Советот и Претседателството со ЕУ, кое во тоа време беше предводено од Чешка.

Во твитот на Комитетот на Европскиот парламент за граѓански слободи, правда и внатрешни работи стои „трилогниот договор за визна либерализација со Косово беше одобрен од европратениците за правда на ЕП со 48 „ЗА“, 7 „ПРОТИВ“ и 3 „ВОЗДРЖАНИ“. Следно, пленарната седница на ЕП ќе гласа за ова прашање“.

Во декември, претставниците на ЕУ се согласија дека визната либерализација ќе стапи на сила од 1 јануари 2024 година, заедно со лансирањето на Системот за европски информации за патување и овластување (ЕТИАС) ширум ЕУ, кој дигитално ги обработува деталите за оние кои патуваат во блокот.

Косово останува единствената земја на Западен Балкан каде на граѓаните им е потребна виза за да патуваат во ЕУ, и покрај тоа што ги исполни сите услови утврдени од Комисијата во 2018 година.

Земјата, исто така, аплицираше за членство во ЕУ во декември, но очекува да се соочи со силен отпор бидејќи пет земји-членки не ја признаваат нејзината независност од Србија, а Унгарија објави дека ќе ја блокира кандидатурата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author