18.01.2023 Скопје
Денеска во Европскиот парламент еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, најави дека Европската Унија ќе го промени своето законодавство поради недостигот на лекови со кој се соочи при невообичаеното рано ширење на заразни болести.
Киријакидес на седницата на Европскиот парламент во Стразбур истакна дека земјите од ЕУ се соочуваат со „нагло зголемување на побарувачката за лекови поради ширење на респираторни инфекции, а фармацевтските индустрии немаат доволен производствен капацитет“.
Претходно, Европската агенција за лекови објави дека 26 европски земји пријавиле недостиг на антибиотици.
Комисијата планира да претстави предлог за стратегија за обезбедување на производството на лекови во март. Киријакидес соопшти дека стратегијата ќе вклучува предлог за ревидирање на законодавството за фармацевтски производи и други мерки за „брзо зголемување на производството“ и „сите пациенти можат да ги добијат потребните лекови по пристапни цени“.
Меѓу мерките, предвидено е рано известување за недостиг и транспарентно информирање за состојбата на залихите на земјите-членки.
Еврокомесарката за здравство истакна дека Комисијата активно води разговори со претставници од фармацевтската индустрија со цел да се зголеми производството на лекови. Воедно, додаде дека дека ХЕРА, тело на ЕУ за здравствени кризи формирано за време на пандемијата на Ковид-19, може да набавува лекови и медицински материјали во име на земјите-членки.
Во дебатата, неколку европратеници предупредија дека преместувањето на производството на лекови во трети земји ја поткопува безбедноста на снабдувањето во ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.