Image by rawpixel.com on Freepik

30.01.2023 Скопје

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ велат дека во месецот посветен за борба против ракот на грлото на матката, Владата го намали буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година за 2 милиони денари во однос на 2022 година. Воедно, додадоа дека во земјава годишно умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза, а поразително е сознанието дека сите овие смртни случаи и лекување со агресивни третмани може да се спречат, доколку промените бидат навремено откриени.

Посочуваат дека и на крај од месец јануари Програмата за рана детекција на малигни заболувања сè уште не е објавена во Службен Весник на Република Северна Македонија, што значи дека сè уште не се знаат ниту планираните активности, ниту целната возрасна група на жени кои треба да бидат опфатени со скринингот.

Борјан Павлоски од Здружението истакна дека од спроведеното истражување на ЕСЕ, само 24 проценти од жените од руралните средини и 16 отсто од Ромките имаат можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет.

Со цел да се намали стапката на откривање на ракот на грлото на матката во напредна фаза и да се намали смртноста кај жените од ова заболување, од ЕСЕ побараа итно зголемување на буџетот на програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, зголемени активности за едукација на жените, како и предвидување на посебни активности на ниво на заедница за зголемен опфат на жените од ранливите групи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author