Processed with VSCO with dog2 preset

25.01.2023 Скопје

Во врска со ситуациите со кои се соочуваат студентите од приватните универзитети, Гласот на Европа побара одговори на следните прашања од Мила Петрушевска, Претседател на Универзитетското Студентско Собрание на АУЕ- ФОН.

VOE: Каква улога и функција има едно Универзитетско Студентско Собрание и кои се вашите надлежности како Претседател?

Мила Петрушевска: Универзитетско Студентско Собрание претставува студентска организација која што се формира во рамки на секој Универзитет на принципот фер и демократски избори секоја академска година. Едни од најзначајните функции на секое Универзитетско Студентско Собрание е да застане во одбрана на правата на студентите во рамки на Универзитетот каде што е формирано и да го подобри квалитетот на наставата и студентскиот стандард. Надлежности на секој избран Претседател во тој сегмент е да ги застапува правата на студентите – транспарентно, праведно и непристрасно.

VOE: Со какви проблеми главно се соочуваат студентите, а се во вашиот делокруг на работа како Универзитетско Студентско Собрание?

Мила Петрушевска: Подобро е прашањето – Во кој дел студентите се чувствуваат задоволни? Бидејќи, студентите како млади лица, сме подложни на дискриминации по разни основи, необезбедени основни услови за студирање и за сместување во студентските домови, неправедно оценување, непотизам, мито, корупција, психичко малтретирање итн. Делокругот на работата како Универзитетско Студентско Собрание е од големи размери поради тоа што со вакви проблеми, студентите во нашата држава се соочуваат на секојдневно ниво.

VOE: Со оглед на тоа што го претставувате Универзитетското Студентско Собрание формирано на приватен Универзитет, дали студентите од приватните Универзитети се соочуваат и со дополнителни проблеми?

Мила Петрушевска: Главниот проблем со кој што се бориме со години наназад сите приватни факултети е да изнајдеме решение, првенствено ние како Универзитетско Студентско Собрание формирано во рамки на АУЕ-ФОН како приватен Универзитет, против проблемот со дискримимација на студентите од приватните факултети во поглед на овозможување на бесплатен јавен превоз кој што се применува само за студентите на државните факултети. Подеднакво ни е загарантирано правото на субвенциониран студентски оброк, можеме да бидеме корисници на стипендии кои ги издава МОН и да бидеме сместени во некој од државните студентски домови, единствено се делиме по тој основ дека не можеме да користиме бесплатен јавен превоз поради тоа што студираме на приватен факултет.

VOE: Какви се вашите очекувања и предвидувања во поглед на изнајдување на решение за вашиот проблем со кој се соочуваат студентите?

Мила Петрушевска: За нашиот главен проблем како Универзитетско Студентско Собрание на АУЕ-ФОН, напорно и макотрпно работиме на изнајдување на решение за проблемот со бесплатен јавен превоз. Имаме вложено огромен труд и енергија барајќи од надлежните институции да наидат на разбирање како би можеле да направиме соодветен компромис. Но, за жал со никаков резултат не можеме да се пофалиме поради тоа што секогаш наидуваме на молк од нивна страна. Очекувам во иднина дека кога тогаш овој проблем ќе биде решен бидејќи е доста актуелен, а до тогаш останува само да се надеваме на позитивен исход.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author