dragan daravelski

11.01.2023 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, по долгогодишно бегство во Србија беше уапсен поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 10 јануари 2023 година на граничниот премин Табановце е приведен Д.Д., кој се бараше со меѓународна потерница, и ќе биде пренесен во надлежната казнено поправна установа.

Даравелски беше осуден со правосилна судска пресуда за проневера на 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа во периодот од 1999 до 2002 година. Беше познато дека престојува во Белград, но Република Северна Македонија не успеа да издејствува екстрадиција.

Откако во јавноста се појавија дилеми околу целисходноста на апсењето на Драган Даравелски, скопскиот Кривичен суд објасни дека за извршувањето на казната, издржување на затвор, за поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, „не настапила застареност бидејќи за законскиот член по кој тој бил осуден за злоупотреба на службената положба, застарата настапува 20 години од изрекување на пресудата, која во случајов станала правосилна во 2008 година“.

По шпекулациите дека тој само една ноќ ќе помине во затворот „Идризово“ каде што вчера беше однесен, во судот денеска велат дека, според нивни информации, тој се уште е таму и се очекува Основниот суд во Куманово, каде што Даравалски за последен пат имал пријавено живеалиште, да го задржи во затворот или, во случај на добивање некаков приговор или жалба, случајот да го препрати до Кривичниот суд во Скопје.

Надлежниот Основен суд од Куманово, исто така, соопшти дека застареноста за извршување на изречената казна затвор за Драган Даравелски не настапила, објаснувајќи дека „по доставување на пресудата на Основен суд Скопје I Скопје К бр.809/05 правосилна од 26.03.2008 година, со која Драган Даравелски од Куманово, е осуден на казна затвор во траење од седум години, во Основен суд Куманово како надлежен суд за извршување на изречената казна затвор, оформен е предмет за извршување на казната. Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по протек на 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена. Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган што се презема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече. Основен суд Куманово од прием на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна. Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“.

Судската одлука да се задржи во затворот поранешниот директор на Царинската Управа, Драган Даравелски, има правна основа, но тој се уште може да се спаси од издржување на целосната казна со барање за повторно судење, објасни неговиот некогашен адвокат Никола Поленак.

Адвокатот Поленак објасни дека иако нема застареност за извршување на изречената казна затвор од седум години, „застареноста во однос на кривичното дело, според мои пресметки, веќе настапила, така што неговите сегашни адвокати, доколку ги има, можат да го советуваат да бара повторно судење бидејќи пресудата му е изречена во отсуство и таквото барање би требало да му биде прифатено“. Воедно, додаде дека во тој случај, на Обвинителството не му останува ништо друго освен да се откаже од гонењето поради застареноста на делото.

Ваквото објаснување од поранешниот бранител на Даравелски уследи откога надлежниот, Основен суд во Куманово соопшти дека не настапила застареност за извршување на изречената казна затвор за Даравелски, по што тој, засега, останува во затворот „Идризово“, но останаа дилемите околу оправданоста на таквата одлука со оглед на калкулациите дека имало застарување за кривичното дело за кое бил осуден.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author