11.01.2023 Скопје
Високиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле утрово пристигна во Скопје, од каде што ќе ја започне тридневната турнеја по Западен Балкан.
Според најавите, неговиот престој во Скопје ќе биде прилично краток, по што тој ќе замине за Приштина.
Шоле беше пречекан пред платото на Владата од страна на премиерот Димитар Ковачевски, по што двајцата се упатија на предвидениот заеднички состанок.
Како што соопшти Стејт департментот, Шоле ќе разговара со претставници на Владата за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Од Скопје Шоле ќе замине за Приштина, каде што ќе разговара за напорите на САД да помогнат во унапредувањето на евроатлантската интеграција, и да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Шоле утре ќе престојува во Белград, каде со српското раководство ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристапување во ЕУ.
Подготвено од М.Н.