19.01.2023 Скопје
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа.
„Бог се јави. Навистина се јави“ е поздравот со кој верниците секој 19 јануари го честитаат празникот Богојавление-Водици. Овој ден веќе два милениума се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата. Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветените води. Се верува дека тој ден водата е благословена и лековита и носи здравје, среќа и благосостојба.
Во Скопје, церемонијата ќе почне со богојавленската литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Оттаму, г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, со свештениците ќе се упати на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што околу 12 часот во водите на Вардар ќе го спушти крстот и ќе ги поздрави верниците со зборовите „Бог се јави“, на што тие ќе му возвратат со „Навистина се јави“.
Во Охрид, пак, литургијата ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица Каменско“, по неа ќе има водосвет, а спуштањето на светиот крст ќе биде околу десет часот. Се претпоставува дека во водите на Охридско Езеро ќе скокнат околу 300 верници.
Со овој празник, како што објаснуваат теолозите, завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица.
Подготвено од А.Ѓ.