31.01.2023 Скопје
Во собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да продолжи дебатата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.
Според информациите од Собранието, останати за збор се уште дваесетина пратеници, главно од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на комисиските расправи со долги говори од повеќе часови го одолговлекуваше изборот на уставните судии, а според тврдењата на пратениците од владејачкото мнозинство, тоа веројатно ќе биде така и денеска, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е против Јовески да биде уставен судија
Во меѓувреме, во пензија замина и уставната судијка Вангелина Маркудова, така што Собранието треба да започне постапка за избор на уште еден уставен судија.
Минатата недела од Уставниот суд повторно упатија апел до Собранието да се изберат тројца судии, со цел Судот непречено да функционира како што е предвидено со Уставот.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии од редот на истакнати правници. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието со мандат од девет години без право на реизбор.
Подготвено од М.Н.