06.01.2023 Скопје
Врз основа на одлуката донесена од Судот на Босна и Херцеговина, членовите на Централната изборна комисија изгласаа дека Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) ќе добие четири од пет претставници во српскиот клуб на Домот на народите на Парламентот на Босна и Херцеговина.
Со оваа одлука партијата ќе има одлучувачко влијание врз функционирањето на извршната власт и процесот на носење закони на државно ниво.
Српската демократска партија ќе има само еден претставник во клубот, така што опозицијата во Домот на народите ќе има само симболична улога.
Спроведувањето на резултатите од изборите одржани во БиХ на 2 октомври минатата година ќе биде завршено кога ќе се изберат Советот на министри на БиХ и претседателот и потпретседателите на Федерацијата БиХ, како и владата на тој ентитет.
За да се конституира Домот на народите на Парламентот на БиХ потребно е да се изберат хрватски и бошњачки претставници кои ќе бидат делегирани во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата на БиХ.
Подготвено од М.Н.