03.01.2023 Скопје
Виктор Мизо, претседател на Асоцијацата на странски компании со напредно производство, потенцира дека во Западна Европа ќе има делумно заздравување, но нема да биде големо.
Генерална стабилизација на автомобилската индустрија може да се очекува следната година, но нема да има намалување на цените на автомобилите. Од 2020 година автомобилската индустрија постојано паѓа, но оваа година конечно имаше благ пораст. Но, Мизо не очекува ништо што е приближно до продажбата од пред неколку години.
Според Мизо, ризиците се големи и поради тоа има повеќе опции, а една од нив е и можно намалување на производството од 20 отсто.
Инаку, последните извештаи од европскиот пазар на половни автомобили, покажуваат дека нивната просечна цена го пробила историскиот рекорд. Европските експерти истакнуваат дека актуелните цени веќе сега се за околу 12 отсто повисоки и се очекува дека оваа година ќе ја пробијат границата од 25.000 евра, што е речиси еднакво со цените на одредени модели на нови возила.
Според податоците на Царинската управа на Република Северна Македонија заклучно со ноември во земјава се увезени вкупно 6.902 нови и 18.042 употребувани возила. Лани пак до крајот на декември биле увезени 5.815 нови и 34.858 употребувани возила.
Подготвено од А.Ѓ.