19.01.2023 Скопје
Цементарница УСЈЕ АД Скопје целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста.
„Во интерес на точно и вистинито информирање соопштуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3 и 4 јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат“.
„Покрај тоа мерењата направени на 3 и 4 јануари 2023 во кругот на Цементарница УСЈЕ, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница УСЈЕ е дури и помала од други мерни места во градот Скопје и во другите градови во земјата“, истакнаа од УСЈЕ.
Од УСЈЕ исто така додадоа дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите употребувале мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка Дозвола,и исклучиво е наменет само за загревање на просториите.
Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со докажани докази, во насока на заштита на вистината, од УСЈЕ ќе поткренат соодветна правна постапка пред надлежните органи.
Подготвено од М.Н.