bujar osmani sredba kuleba ukraina

16.01.2023 Скопје

Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи денеска за време на посетата на Украина оствари работна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Османи потенцираше дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување, и изрази осуда за последниот што се случи во Днепар, во кој имаше и цивилни жртви и повредени деца.

Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ, преку дипломатски пат да се решат сите предизвици. Претседавачот со Организацијата изрази солидарност и сочувство кон сите украински мажи и жени, истакнувајќи дека нивната смелост и храброст се за восхит.

Фокусот и главниот приоритет на Организацијата оваа година ќе биде Украина, потенцираше Османи, и повика на одговорност за сите извршени злосторства.

Посетата на Османи на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на Организацијата да најде начин да се врати мирот во земјата. Претседавачот истакна дека ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.

„Република Северна Македонија на чело на Организацијата, ќе служи како чувар на договорените принципи на ОБСЕ. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе доведат до праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе поставиме основа за мирно да се разговара за сите прашања“ изјави Османи.

„Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа“ истакна Османи на состанокот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Подготвено од М.Н.

About Author