17.01.2023 Скопје
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, вчера го додели мандатот за формирање влада на Бугарската социјалистичка партија, што е последен обид да се избегнат петтите парламентарни избори во последните две години.
Иако изгледите на социјалистите за формирање влада се слаби, лидерот на таа партија, Корнелија Нинова, изјави дека партијата ќе даде се од себе да формира редовна влада, која е многу потребна за граѓаните на Бугарија.
Радев им го додели мандатот на социјалистите бидејќи двете најсилни опции во Парламентот не обезбедија мнозинство за формирање на Влада.
Бугарската социјалистичка партија го зазеде петтото место на изборите на 2 октомври. Коалицијата околу партијата ГЕРБ, како и Демократска Бугарија, која се најде на шестото место, најавија дека нема да ја поддржат владата предводена од социјалистите, пред се „затоа што се проруски настроени“ и постојано гласале против испраќање воена помош за Украина.
Доколку социјалистите не успеат да обезбедат мнозинство за формирање влада, Радев мора да го распушти Парламентот, да назначи преодна влада и да распише предвремени избори за два месеца.
Подготвено од М.Н.