аргентина и бразил

23.01.2023 Скопје

Во вторник на Самитот во Буенос Аирес е поставена „сцената“ за дискусија за единствената валута за двете најголеми економии во Јужна Америка. Двете нации велат дека единствената валута може да ги намали „надворешните ранливости“.

Во заедничката изјава објавена од претседателите на нациите се наведува дека Бразил и Аргентина сакаат да воспостават поблиски врски, вклучително и преку развивање на заедничка валута.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и аргентинскиот лидер Алберто Фернандез треба да разговараат за ова прашање во вторник на регионалниот самит на латиноамериканските лидери во Буенос Аирес, Аргентина.

Самитот на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите доаѓа откако се зголемуваат повиците за регионална интеграција меѓу лидерите во Јужна Америка.

Заедничката изјава на Лула и Фернандез е објавена во аргентинскиот весник „Перфил“.

Во изјавата стои „имаме намера да ги надминеме бариерите за нашата размена, да ги поедноставиме и модернизираме правилата и да ја охрабриме употребата на локални валути“. Исто така, се наведува „решивме да ги унапредиме дискусиите за заедничка јужноамериканска валута која може да се користи и за финансиски и за комерцијални текови, за намалување на трошоците и за нашата надворешна ранливост“.

Фајненшл тајмс објави дека Бразил предлага новата валута да се нарекува „сур“ (југ) и дека на почетокот ќе работи паралелно со бразилскиот реал и аргентинскиот пезос.

Британскиот весник објави дека првичниот фокус ќе биде на тоа како новата валута може да ја поттикне регионалната трговија и да ја намали зависноста од американскиот долар. Идејата за заедничка валута за јужноамериканските нации не е нова.

Експертите забележаа дека постојат значителни разлики и неколку можности за тоа како би можела да изгледа заедничката економска агенда.

Фернандо Хадад и Габриел Галиполо, бразилскиот министер за финансии и неговиот извршен секретар, минатата година во напис ја покренаа идејата за единствена валута.

Лула ја изнесе идејата и за време на неговата кампања за претседател.

Дискусијата за ова прашање значи и дека Лула ќе го направи своето прво официјално патување во Аргентина, одржувајќи ја традицијата да го посети најголемиот трговски партнер на Бразил во регионот по преземањето на функцијата.

Патувањето на Лула го означува и враќањето на Бразил на Самитот на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите, откако поранешниот лидер на екстремната десница Жаир Болсонаро го суспендираше учеството на Бразил во левичарското регионално тело.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author