26.01.2023 Скопје
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е сигурна дека истите луѓе, доколку знаеле што правел директорот, немало да дојдат во негова одбрана иако тие и денес излегоа на протест, овој пат пред бараките на Град Скопје. Обвини дека во МКЦ има сериозни злоупотреби на средствата, парите, буџетот на Градот и на граѓаните.
За јавноста и медиумите да добијат, како што рече „соодветна илустрација“, Арсовска денес извести дека има ревизија во МКЦ која открила преку 250 договори склучени незаконски, без Агенцијата за времени вработувања или Авторската агенција, за дејности кои не се вбројуваат во основната дејност на институцијата.
Арсовска, воедно, обвини дека во изминатата година се исплаќани илјадници евра за ангажман на лица без почитување на ниту една постапка, истакнувајќи дека меѓу овие лица, најголемиот дел се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, Арсовска додаде дека меѓу овие 250 договори за ангажирање, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 300 до 750 евра месечно.
Градоначалничката Арсовска смета дека ова испумпување на средствата од Младинскиот културен центар некој треба да го објасни и да каже зошто, како, врз кој основ и за кој работен ангажман некој добил во текот на еден месец или секој еден месец над 750 евра за да извршува работен ангажман шанкер. Воедно, објасни дека поранешниот директор не бил разрешен, како што било пласирано во јавноста туку дека му завршил договорот, а ги отфрли и обвинувањата за наводен притисок врз поранешниот директор за вработувања и јавно го повика да се извини.
За обвинувањата за партизација на МКЦ, Арсовска рече дека се неосновани оти таа нема партија, а нагласи дека поранешниот директор Богоев бил назначен од ВМРО-ДПМНЕ. Новиот директор детектив, Арсовска вели дека не е единствен што нема соодветно образование во институцијата и таа не сака да дозволи некој да биде дискриминиран по тој основ.
Арсовска јавно праша кој профитирал од просторот даден под наем во Младинскиот културен центар по цена од 2,7 евра од квадратен метар, а праша и зошто е дозволено во МКЦ да има раководители кои во секторот немаат ниту еден вработен.
Подготвено од А.Ѓ.