12.01.2023 Скопје
Градоначалничката Данела Арсовска соопшти дека ќе покрене кривична постапка против Цементарница „Усје“ поради тоа што не се придржувала кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето. Воедно, посочи дека пријавата ќе се поднесе согласно членовите 218. 230. и 234. од Кривичниот законик.
Градоначалничката објасни дека на иницијатива на Град Скопје и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање било извршено мерење на испустот на гасови на Цементарницата. Мерењата биле извршени во два наврати, на 26 и на 27 декември минатата година и на 3 и 4 јануари годинава и во двата наврати се измерени огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.
Во декември се измерени трипати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаат во амбиенталниот воздух, а слични резултати се добиени и при мерењето во јануари. Станува збор за испуштање на трипати поголеми концентрации од дозволените на метар кубен на час.
Арсовска истакна дека сериозни прекршувања се забележани, спротивни на издадената интегрирана дозвола, и при увидот на инспекторите на Град Скопје и на државниот инспекторат при МЖСПП во работниот процес на Цементарница.
Подготвено од А.Ѓ.