30.01.2023 Скопје
Како што информираат од Град Скопје, со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставници во ЗЕЛС, е разрешена од позицијата претседател на ЗЕЛС, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите. Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје“, велат од Град Скопје.
По разрешувањето на градоначалничката Данела Арсовска од позицијата претседател на ЗЕЛС, за нов претседател е избран градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Потпретседателите, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, додека досегашната претседателка Данела Арсовска, продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор.
Покрај разрешувањето и именувањето нов претседател, на денешната седница на ЗЕЛС, Управниот одбор донесе заклучок за упатување итно барање до Владата за одржување заедничка средба на која главна тема на разговорот ќе биде изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза.
Подготвено од А.Ѓ.