23.01.2023 Скопје
Министерката за Одбрана на Република Северна Македонија, Славјанка Петровска, на годишниот брифинг со Асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во државата изјави дека буџетот за одбраната е зголемен на 274 милиони евра, што е 1,85 проценти од БДП на државата, а тоа се вклопува во плановите за исполнување на ветувањето за инвестиции во одбраната на Самитот на НАТО во Велс за алоцирање на 2 отсто од БДП за одбраната и тоа ќе биде постигнато до 2024 година.
Министерката Петровска изјави дека Република Северна Македонија е во процес на набавка на системи за воздушна одбрана.
Петровска истакна дека првите шест лесни оклопни возила „JLTV Oshkosh“ биле испорачани пред неколку месеци и најави дека ќе се продолжи со набавка на оклопните возила „Страјкер”, други специјализирани возила, воена опрема, системи за противвоздушна одбрана, опрема за сајбер одбрана и други средства што ќе ја направат Армијата поспособна, а колективната одбрана посилна.
Министерката додаде дека се во тесна координација со НАТО сојузниците во обезбедувањето на потребната поддршка за Украина во однос на воена опрема, медицински залихи, хуманитарна помош и дека државата останува целосно посветена на Партнерството за зголемени можности НАТО-Украина, вклучително и во подготовката за постконфликтно закрепнување.
Подготвено од М.Н.