12.01.2023 Скопје
Во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица поставена е археолошка изложба „Материјална и духовна култура на праисториските заедници во Струмичко-радовишкиот регион“ која предизвикува голем интерес во јавноста.
Во изложбената поставка се изложени артефакти прибирани со повеќедецениски археолошки истражувања кои започнале во втората половина на 80-тите години од минатиот век. Откриените артефакти, им припаѓале на праисториските заедници, кои живееле на територијата на Струмичко-радовишкиот регион, презерентирајќи ја материјалната, но и духовната култура на овие простори од пред повеќе милениуми.
Според археологот Зоран Рујак, од струмичкиот Завод и музеј, долгогодишните археолошки истражувања во овој регион, меѓу другото, дале почетна основа за разбирање на процесите на создавањето на праисторски заедници кои се развивале од раниот неолит до полното железно време во една затворена микро целина.
Проект е реализиран од страна на струмичкиот Завод и музеј заедно со НУ Завод и музеј – Штип и Археолошки музеј – Скопје. Покрај авторот на изложбата, м-р Зоран Рујак, кој е еден од истражувачите во Струмичко-радовишкиот Регион во реализацијата на проектот учествуваат и други археолози кои долги години го истражуваат светот на праисторијата, како м-р Елена Стојанова-Канзурова, д-р Митко Штерјов, д-р Трајче Нацев, Игор Толевски и Оливер Бојаџиев.
Изложбата која во рамките на одбележувањето на јубилејот 70 години од постоењето на Заводот и музеј – Струмица ќе трае до крајот на јануари 2023 година, потоа ќе биде поставена во Штипскиот музеј како и во Археолошкиот музеј во Скопје.
Подготвено од А.Ѓ.