makedonska rakometna fed

19.01.2023 Скопје

Македонската ракометна селекција попладнево повторно ќе води битка на Светското првенство во Шведска и Полска, но не во главната фаза, како што сите очекуваа, туку во Президент Купот. Ретки беа тие кои што веруваа дека престојот на ракометарите во Краков ќе биде толку краток. Се очекуваше и најавуваше влез во главната фаза, но настаните на терен не го потврдија тоа, па трите високи порази од Холандија, Норвешка и Аргентина, донесоа натпревари со најслабите селекции на шампионатот.

Разочарувањето кај сите е големо, но Президент Купот мора да се одигра и колку толку да се поправи впечатокот. Прв ривал во групата 2 ни е селекцијата на Алжир, која исто така забележа три порази во првата фаза. Беше декласирана од Германија и Србија, додека со Катар долго време се држеше, но попушти во финишот.

Во Плоцк нашите избраници ќе бидат сами, без својата вечна поддршка од трибините и така во мирна атмосфера и без поголем притисок ќе треба да го одиграат она што им остана на Мундијалот. Кирил Лазаров најави дека на овие натпревари поголема шанса ќе добијат играчите со помала минутажа, а во својот состав нема да го има младиот Павле Атанасијевиќ, кој се повреди со Аргентина. Проблеми има и Томислав Јагуриновски и шансите за негов настап се многу мали.

Низ историјата досега со Алжир сме одиграле пет натпревари, на кои на четири славевме сигурни победи, додека на последниот, во рамки од Медитеранските игри беше нерешено (24-24). Средбата меѓу Македонија и Алжир, која што ќе биде прва во рамки од групата започнува од 15:30 часот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author