13.01.2023 Скопје
Триесет години по воспоставувањето дипломатски односи меѓу Албанија и Украина, Албанија најави дека ќе отвори амбасада во Киев.
Министерката за надворешни работи Олта Џака на Твитер напиша дека по повод 30-годишнината, „среќна сум што можам да објавам дека Албанија ќе го зголеми нивото на застапеност во Киев со отворање на своја амбасада во Украина“. Воедно, додаде дека со задоволство го очекува продолжувањето на соработката со нејзиниот пријател и колега Дмитро Кулеба за да ја унапредат и зајакнат нивната соработка уште повеќе во иднина.
Министерката Џака истакна дека Албанија ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзината борба против руската „нелегална војна за агресија“.
„Денес сме горди што стоиме покрај Украина како вистински пријатели на вистинската страна на историјата. Херојскиот отпор на Украина е борба за слобода и одбивање да се вратиме на тиранијата од која и двајцата излеговме одамна“, напиша Џака, осврнувајќи се на излезот на Албанија од бруталниот комунистички режим во 1991 година.
Подготвено од А.Ѓ.