21.01.2023 Скопје
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во соработка со Црвен крст на Град Скопје и невладините организации кои се активни на ова поле, и оваа година ја започнаа со проекти кои водат во насока на проширување на капацитети за прифаќање и згрижување на бездомни лица.
„Во духот на хуманост и подадена рака, во која важно е секој од нас во рамки на можностите да помогне за оние лица што секојдневно се борат со студот, гладот и немањето основни услови за живеење, безбедно да го поминат зимскиот период, континуирано превземаме мерки и активности за остварување социјална грижа и подобрување на квалитетот на живеење на бездомните лица, затоа што најважно е да се обидеме да помогнеме онаму каде можеме“, истакна Арсовска.
Арсовска додаде дека и оваа година се овозможува непречено функционирање на Пунктот и Прифатилиштето за бездомни лица на Црвениот крст во Момин Поток, каде се згрижуваат од 150 до 180 лица.
„Обезбедуваме поддршка на програмите за привремено прифаќање и згрижување на лицата бездомници со обезбедување дневен престој со оброк, здравствена заштита, услови за одржување хигиена, советодавни услуги, во соработка со Црвениот крст на град Скопје“, истакна градоначалничката Ареовска.
Подготвено од М.Н.